Првото коло од новата сезона на МТЕЛ Суперлигата донесе интересни натпревари, индивидуални блесоци и неколку сериозни најави дека и оваа сезона ќе гледаме квалитетна и неизвесна битка на терените.
А кога се сумира индивидуалниот учинок – Секу Сила се закити со МВП признанието на првата рунда од новата сезона. Иако ТФТ остана без бодови во Битола, новото засилување на скопскиот клуб имаше премиера за паметење. Сила го заврши натпреварот против Пелистер со 31 поен, девет скока и три асистенции, за највисок индекс во првото коло – 34.
Но, зад него има уште четири имиња кои го комплетираат најдоброто од стартната рунда.
ЏЕРЕМИ СМИТ – ТИКВЕШ
Дебито во дресот на Тиквеш Голден Игл не можеше да биде подобро. На гостувањето во Штип, Смит беше еден од клучните играчи во убедливата победа на кавадаречкиот тим.
За 34:40 минути постигна 25 поени, со речиси беспрекорна реализација, а запиша и осум асистенции и два скока. Индексот – 29.
РОБЕРТ РИКИЌ – РАБОТНИЧКИ
Каде што застана минатата сезона, таму продолжи и оваа. Рикиќ повторно е меѓу најдобрите.
На гостувањето во Струмица постигна 20 поени и 11 скока, од кои дури шест офанзивни, а додаде и две украдени топки и две блокади.
Уште еден дабл-дабл и индекс 28 за највисокиот играч во МТЕЛ Суперлигата.
СТЕФАН СИМИЌ – КОЖУВ
Кожув доби сериозно засилување, а Симиќ тоа го потврди уште на премиерата.
На гостувањето кај Скопје одигра повеќе од 35 минути и заврши со 21 поен, девет скока и седум асистенции. Без загубена топка, со една блокада и една украдена топка, за индекс 28.
КОЛИН ПАРКЕР – СКОПЈЕ
На спротивната страна во СЦ „Јане Сандански“ блесна и Колин Паркер.
Новото засилување на Скопје помина повеќе од 38 минути на теренот, постигна 26 поени, а додаде и девет скока.
Со една блокада, една асистенција и индекс 28, Паркер беше еден од најдобрите индивидуалци во првото коло.
ПРВА ПЕТОРКА
Секу Сила – ТФТ
Џереми Смит – Тиквеш Голден Игл
Роберт Рикиќ – Работнички
Стефан Симиќ – Кожув
Колин Паркер – Скопје
Зад првата петорка, во втората петорка на колото, место најдоа и Адем Мекиќ (МКК Куманово), Дамјан Робев (Работнички), Најџел Бурис (Кожув), Камрон МекДовел (Пелистер) и Камерон Џонс (Скопје).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
