Јакин најави промени во тимот за Македонија

Швајцарија има три победи на првите три натпревари во Лигата на Нации, а овој продолжен прозорец на репрезентативни натпревари ќе го заврши утревечер против Македонија.

Швајцарците веќе славеа рутински во Скопје над нашата национална селекција, големи фаворити се тоа да го сторат и на утрешниот дуел, а селекторот Јакин најави одредени ротации во тимот. Швајцарија ги имаше истите единаесетмина на последните два меча со Шкотска и со Словенија, но тоа нема да биде случај и против Македонија.

„Тоа ќе ни биде четврти натпревар во рок од 11 денови, против Словенија беше вистинска битка со многу трчање и дуели. Дефинитивно ќе треба да одмориме неколку фудбалери, исто така и дел од останатите заслужуваат шанса да се докажат. Промени ќе има, но не сакам никакво опуштање, сериозно гледаме на дуелот со Македонија“, изјави Јакин.

Се вчитува...