Симеоне: Сакам „Енфилд“ да е полн, не е фер Ливерпул да игра пред празни трибини

Диего Симеоне уште еднаш ја покажа својата човечка големина, јавно изјавувајќи дека не сака ни да помисли на играње пред празни трибини на утрешниот реванш против Ливерпул. Повеќе од јасно е дека преполниот „Енфилд“ ќе биде значаен адут на актуелниот европски првак во обид да ја надополни негативата од еден гол од првиот меч во Мадрид, но Симеоне е дециден на фактот дека овој фудбалски спектакл мора да биде комплетиран со публика на трибините.

„Не сум бил досега овде, ниту како играч ниту како тренер. Не сум имал можност да играм на овој прекрасен стадион, против клубот со таква богата традиција и историја. „Енфилд“ е нешто посебно. Да играме пред празни трибини? Да бидам искрен, слушнав за тој предлог, но моја желба е стадионот да биде полн. Не би било фер кон Ливерпул тие да бидат без помошта на навивачите на својот стадион“, изјави Симеоне на денешната прес-конференција.

Тренерот на Атлетико Мадрид за првпат сезонава ќе го има комплетниот тим на располагање по враќањето на неколкуте повредени првотимци. На спротивната страна, кај Ливерпул ќе недостига првиот голман Алисон Бекер, но по повредата се враќа капитенот Џордан Хендерсон.

Се вчитува...