Симиќ со список: Македонија без Стефанов на ЕП во Турција

Селекторот Тони Симиќ го објави списокот на кошаркари за претстојното ЕП за играчи до 18 години што ќе се одржи во Турција, шампионат на кој нашиот национален тим ќе го предводи неговиот син Тео Симиќ.

Изненадувачки, на списокот на Симиќ не се најде Рубин Стефанов, синот на легендарниот македонски кошаркар, Врбица Стефанов, за кого Симиќ тврди дека самостојно и без да го извести стручниот штаб ја напуштил репрезентацијата.

„Што се однесува до Рубин Стефанов, по настапот во А-репрезентацијата, заедно со Теодор Симиќ, се врати на подготовките на јуниорската селекција. Пред натпреварот против Швајцарија во Скопје се пожали на болки во зглобот и одлучивме да не му правиме притисок за да не се влоши состојбата. На турнирот во Гевгелија почна да демонстрира незадоволство поради минутажата. Јас се обидував да ги распределам минутите кај сите играчи со цел доволно да се воиграме, а во исто време да не дојде до премор кај нив. По турнирот зборувавме и Рубин ми рече дека се е во ред.

Во Хрватска одигравме двомеч, Рубин играше на првиот натпревар и не се пожали на ништо. На вториот, излезе од игра по пет минути, седна на клупата и се понесе крано непрофесионално – ги одврза патиките и посочи дека не сака да игра. Поминав и преку тоа, му реков дека мора да се однесува како професионалец, треба да ги заврзе патиките и да се подготвува да игра, дека не сме дојдени на екскурзија. Ме послуша, седна на клупата, но побара да не игра до крајот.

По враќањето од Хрватска, јас немав никаква информација дека играчот нема да продолжи. Во четвртокот попладне ми се јави спортскиот директор дека родителот му кажал дека не гледа причина и потреба Рубин да продолжи да игра за репрезентацијата. Едноставно, го напушти тимот иако јас сметав на него и требаше да има значајна улога во оваа селекција. Очекував Рубин да дојде и да ми го каже тоа мене в лице, како што јас со него разговарав во Гевгелија.

Четвртокот и петокот ни беа слободни, а во саботата тој не се појави на тренинг и оттогаш не е во тимот. Јас не барам алиби, но пред патувањето за Измир би требало да се знае каква е ситуацијата“, изјави Симиќ за официјалната веб-страница на КФСМ.

СПИСОК НА КОШАРКАРИ ЗА НАСТАП НА ЕП 2022

1. Лука Димитриевски
2. Алек Петкоски
3. Петар Башоски
4. Андреј Шошкиќ
5. Петар Бошалески
6. Василиј Србиноски
7. Павел Иванов
8. Марко Трипуноски
9. Тома Стојаноски
10. Виктор Стојковски
11. Метин Саити
12. Теодор Симиќ

Се вчитува...