Силекс одигра турбулентна полусезона во Првата македонска фудбалска лига. Есенскиот дел од шампионатот беше вистински „ролеркостер“ за тимот од Кратово. Стартуваа со европска авантура, па следеше криза, успеаја да ја елиминираат Шкендија од националниот куп, а загубија од Беласица и Академија Пандев.
Тренерот на кратовци Горан Симов вели дека многу малери го погодиле тимов годинава, но и покрај тоа е задоволен од полусезоната.
„Навистина не погодија многу малери. Целата сезона ни беше ‘ролеркостер’. Имавме подеми, но имавме и многу падови. Настапите во Европа ни беа одлично искуство. И покрај поразите од Карабах и Дрита, јас сум задоволен бидејќи добивме многу со играњето во Европа. Сепак, пред натпреварот со Дрита почнаа да не следат малери. Голем број фудбалери ни се повредија и оттогаш паднавме во криза. Целата сезона ни се водеше во подеми и падови. Добро стартувавме, па нанижавме порази. Потоа ја елиминиравме Шкендија од националниот куп, а губевме од Беласица и Академија Пандев“, вели Симов.
За пролетниот дел од сезоната Симов вели дека прво треба да се анализира првиот дел и да се разговара со раководството што понатаму.
„Одиме на мал одмор, а потоа ќе седнеме да анализираме и да видиме до каде сме. Ќе разговараме во клубот па ќе одлучиме што понатаму. Дефинитивно е потребно освежување на клубот за предизвиците кои не очекуваат до крајот на сезоната“, заврши Симов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА