Симов: Сезоната за Силекс беше „ролер-костер“, против Тиквеш ќе биде многу тешко

Kратовскиот прволигаш Силекс ќе се обиде да ја задржи позицијата во елитата на денешниот дуел против Тиквеш. Овие два тима денеска во Ѓорче Петров ќе ја бијат финалната битка во баражот за промоција во Првата македонска фудбалска лига.

Тренерот на Силекс, Горан Симов вели дека сезоната за Силекс беше „ролер-костер“ имаа подеми и падови, но натпреварот против Тиквеш е најважниот кој ќе го играат сезонава.

„Целата сезона за нас беше како „ролер-костер“. Имавме многу подеми и падови. На крајот бевме на три бода од обезбедување на место кое води во квалификациите од Лигата на Европа, а бевме и на три бода од испаѓање од ПМФЛ. На крајот можеби осмата позиција на која завршивме е најреалната слика за нашата сезона. Се забораваме и денеска е најважниот натпревар кој го играме сезонава. Ќе биде тежок, особено на психолошки план бидејќи влегуваме како фаворити во мечот“, вели Симов. 

За противникот, тренерот на Кратовчани вели дека е одличен тим и ќе има голема поддршка од своите фанови, кои ќе дојдат во огромен број во Ѓорче Петров.

„Тиквеш покажа дека е одличен тим. Имаат фудбалери со кои имам играно во мојата кариера и можам да кажам дека се одлични. Ги познавам добро и ги знам нивните квалитети. Ќе биде тежок натпревар. Покажаа сезонава дека се сериозен проект, и иако сме фаворити ќе биде тоа многу тежок натпревар. Нека победи подобриот, а доколку тие бидат подобри на крајот ќе им честитаме“, завршува Симов. 

Бараж натпреварот за пополнување на последното место во Првата лига за следната 2019/2020 сезона, меѓу Силекс и Тиквеш се игра со почеток од 16.30 часот, на стадионот во Ѓорче Петров.

Се вчитува...