Симов: Силекс е големо семејство на кое секој може да му позавиди

Силекс го совлада најтрофејниот македонски клуб Вардар со 1-0 во 34. коло во Првата македонска фудбалска Лига, продолжувајќи ја одличната серија во борбата за опстанок. Тренерот на тимот од Кратово, Горан Симов вели дека Силекс е едно големо семејство, а неговите фудбалери имаат едно заедништво на кое другите тимови можат да им завидат.

„Ние сме едно големо семејство. Заслуживме три бода не толку поради играта, колку поради пожртвуваноста и максимумот кој го дадоа моите фудбалери. Во првото полувреме одлично се држевме, во второто Вардар ги имаше поседот и играта, но ние можевме да го решиме мечот и порано бидејќи бевме многу опасни на контра напади. Беше тежок натпревар и на физички, но и на психолошки план. Јас сум презадоволен од моите момци. Секогаш им велам не е најважна победата, најважно е да го дадете својот максимум, а резултатот на крај мора да дојде“, вели Симов.

Тој дополнува дека тимот имаше тежок период бидејќи во мал временски период играа против двата најдобри тима во првенството, Шкендија и Вардар и останаа непоразени.

„Имавме тежок период, два натпревари против Шкендија и Вардар и на двата меча останавме непоразени. Моите момци се неверојатни. Сега останува само да се одмориме до следниот меч и да се обидеме да се подготвиме и физички но и психички за тоа што не очекува. Мојот тим има дух и заедништво на кое можат сите да ни позавидат“, дополнува Симов. 

Во следното коло „кратовчани“ ги очекува нов тежок натпревар против директниот ривал за опстанок во ПМФЛ, Македонија ЃП.

„Имаме мала предност бидејќи три дена по мечот со нас Македонија ја очекува финале во Националниот куп. Мислам дека токму поради тоа ќе влезат малку резервирано во мечот, но сепак ние не смееме да се опуштиме и нашиот пристап мора да биде како на претходните мечеви. Ние ќе дадеме максимум и ќе се обидеме да стигнеме до три бода, а доколку не успееме и Македонија биде подобра, нормално дека ќе им честитаме на победата“, завршува Симов. 

35. коло во ПМФЛ на програмата е в недела на 19. мај, а покрај натпреварот меѓу Македонија ЃП и Силекс, се среќаваат Шкендија – Академија Пандев, Вардар – Победа, Беласица – Работнички и Шкупи – Ренова. Сите мечеви се со почеток од 16.30 часот.

Се вчитува...