Симулација за Лигата на нации: Азербејџан, тест по мерка за „генералка“

ЕКИПА во Белек, 

Никола Ѓуровски

Македонската фудбалска репрезентација денеска (18 часот по македонско време) ќе го игра вториот пријателски натпревар на турнејата во Турција. Противник е селекцијата на Азербејџан, која треба да биде вистинска проверка и вовед за тимот на Игор Ангеловски во пресрет на стартот на новото натпреварување, Лигата на нации на УЕФА. Во групата Д, Македонија е фаворит и ќе игра против селекции од сличен ранг како Азербејџан. Токму затоа и овој тест е мошне значаен за македонските фудбалери.

По ремито со Финска во еден цврст натпревар со малку шанси, денеска се очекува многу поофанзивна игра од двете селекции. Можеме да бидеме задоволни од одбраната, но сега треба да покажеме многу повеќе заби и во нападот. На претходниот тест со Азербејџан, на 29.мај 2016 година во Австрија, нашиот национален тим славеше со 3-1, а стрелци на головите беа капитенот Горан Пандев, Илија Несторовски и Марјан Радески. И денеска сите тројца ќе му бидат на располагање на селекторот Игор Ангеловски.

„Размислуваме единствено за победа. Ова е можеби последниот тест пред почетокот на Лигата на нации и затоа овој меч е мошне важен за нас. Сакаме да ја продолжиме серијата без пораз, но и да победиме, за да влеземе со максимална самодоверба во новото натпреварување. Очекувам да одиграме квалитетен меч и да оствариме триумф“, најавува Илија Несторовски.

Натпреварот меѓу Македонија и Азербејџан се игра на „Мардан Арена“ во Белек, со почеток во 18 часот по македонско време.

Се вчитува...