Синовец се врати, МЗТ лесно победи

МЗТ Скопје без многу мака триумфираше на дуелот на домашен терен против Кожув (88-57), експресно враќајќи се на победнички патеки по поразот на вечното дерби со Работнички. Стефан Синовец дебитираше за МЗТ по враќањето во таборот на аеродромци, кои покрај Бојан Трајковски во тимот го немаа ниту Јуре Лалиќ.

„Сино-белите“ тргнаа моќно, па за помалку од пет минути поведоа со 14-0, по што лесно го контролираа резултатот во текот на целиот натпревар. Кошаркарите на Кожув играат во одлична форма во текот на последните месеци, но шампионот сепак беше преголем залак за избраниците на тренерот Николов, за кои поразот беше неизбежен.

Крофорд беше најефикасен со 19 поени, Маслинко оствари дабл-дабл од 16 поени и 12 скока, додека Синовец се врати во сино-белиот дрес, постигнувајќи 10 поени за 21 минута игра. Кај Кожув најдобри поединци беа Пековиќ и Шалев со по 12 поени.

Се вчитува...