Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, повлече нога и најави дека меѓу првите ќе донесе одлука за регулирање на шампионатот во ситуација кога е невозможно да се одржуваат спортски настани. Направи и „видео-повици“ со клубовите, ги слушна нивните ставови, а потоа најави дека во најкус рок ќе ја донесе конечната одлука. И оттогаш – молк од куќата на кошарката, клубовите се едногласни дека сезоната треба да биде прекината, но копјата се кршат околу тоа дали да биде целосно поништена, или титулата да биде доделена на актуелниот лидер на табелата, МЗТ Скопје.
Веќе постојат бројни примери во Европа, десетина лиги што беа прекинати се со прогласени шампиони, екипите што моментно се првопласирани на табелите, па „металците“ очекуваат иста да биде разврската и во мак-баскетот.
„Пред се, би сакал да потенцирам дека ова е исклучително тешка ситуација за сите во државата, при што спортот сосема оправдано е во заден план. Ние како клуб никогаш не сме сакале да освојуваме бодови и трофеи на зелена маса, но за жал состојбата е таква каква што е, никој не знае дали и кога ќе се продолжи сезоната, а сите тимови живеат во неизвесност. Треба да се донесе конечна одлука, за да знаеме на што сме и ако ништо друго барем да почнеме да ги планираме тимовите за следната сезона, ако дефинитивно знаеме дека оваа нема да се доигра. Што се однесува до титулата, примерите од Европа говорат сами за себе, речиси сите земји кои ги прекинаа првенствата го дадоа трофејот на лидерот. Исклучоците најчесто се држави во кои некои екипи подоцна се вклучуваат, па нема шанси да биде одреден шампион. Кај нас тоа не е случај, одиграна е речиси целата Прва лига и сметаме дека е логично титулата да заврши во наши раце, иако повеќе би сакале да ја одбраниме на терен, а не да ја добиеме на ваков начин“, истакнува директорот на МЗТ Скопје, Тони Грнчаров.
Со оглед на молкот од КФСМ, јасно е дека има и клубови што се против, бидејќи ако ставот беше едногласен веќе ќе беше донесена и одлуката од највисокото раководство. Јавна тајна е дека Работнички е предводник на екипите кои би сакале да нема кошарка, но и да не биде доделен шампионскиот трофеј, а само за потсетување – токму „центарци“ беше иницијатори на претседателската кампања на Антиќ во борбата за наследник на Петар Наумоски.
Едно е јасно, Антиќ ќе мора час поскоро да го прекине молкот и како прв човек на мак-баскетот да донесе одлука, не само за титулата, туку и за тоа како ќе изгледа првата лига во следнта сезона, дали и колку второлигаши би влегле во елитното друштво. Затоа што сите чекаат „Перојавление“ од „куќата на кошарката“, а оттаму тишината мора што побрзо да биде прекината.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА