Сите очи на европскиот фудбал се свртени кон Германија – Нека тргне Бундес-лигата, ќе ја следат и другите

Германија и најавениот почеток на Бундеслигата на 9. мај се најголемата надеж за блокираниот европски фудбал во моментов. Застојот на кој е принуден најпопуларниот, но и најбогатиот спорт во светот е во очекување на отворање на стадионите, но ситуацијата во најголем дел зависи од условите што ги диктира пандемијата на коронавирусот поради која државите имаат најразлични рестриктивни мерки кои силно се одразуваат на спортот.

УЕФА во претходната недела имаше набиена агенда состаноци од кои произлегоа препораките за националните првенства и провизорниот распоред за европските натпреварувања. Насоките се домашните шампионати да бидат комплетирани освен во исклучителни ситуации кога има забрана од матичната држава. Комплетирањето на европските натпреварувања би почнало на крајот од јуни, а би кулминирало со финалто во Лигата на шампионите предвидено за 29. август.

Сепак сите очи во моментов се вперани во Германија каде има амбициозен план за рестарт веќе на 9. мај. Оваа држава од аспект на коронавирусот е во сосема поинаква фаза на „кривата“ во однос на Италија, Шпанија и на Велика Британија. Поради ова, но и поради комплетно поинаквиот пристап на државата кон вирусот и борбата со него, германскиот фудбал е во најдобра стартна позиција.

Начинот на кој Германците би го вратиле фудбалот би можел да биде показател за тоа како и со каква динамика би се враќале другите шампионати, особено во големите првенства. Проблемот е што ниту за обидот на вообичаено ефективните Германци нема гаранции за успешност и во моментов има повеќе прашања отколку одговори за враќањето на фудбалот на европско тло. Во Италија, Шпанија, Англија, Франција во најголем дел идејата за повторно играње фудбал се потпира на надежи и на добра волја.

 

 

 

Се вчитува...