Манчестер Сити осигура останување на врвот на Премиер-лигата и по ова коло откако „граѓаните“ славеа на домашен терен над Вулверхемптон со 1-0, со сомнително досуден пенал што го реализираше Рахим Стерлинг.
Сити очекувано имаше многу повеќе од поседот врз топката, но „волците“ умешно се бранеа до самиот крај на првото полувреме, кога Раул Хименез го остави својот тим на цедило по почетничката реакција и заслужено добиениот црвен картон. Ова придонесе „граѓаните“ да тргнат во тотална офанзива во вториот дел, се редеа шанси во шеснаесетникот на голманот Са, но до три бода се стигна со сомнително досуден пенал.
Иако се чинеше дека топката најпрвин го удира Мутињо во телото, а потоа во подигнатата рака, ВАР-арбитрите не ја сменија одлуката на главниот судија, по што Стерлинг беше прецизен од белата точка, за својот јубилеен стоти погодок во ПРемиер-лигата.
Сити до крајот на мечот имаше неколку стопроцентни шанси за втор гол што Са ги одбрани, а Вулверхемптон во 91. минута можеше да стигне и до бод, но Едерсон успеа со крајни напори да ја исфрли топката во корнер по ударот со глава на Килман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА