Сити со три гола ја размонтира „баварската машина“, Интер со +2 од Лисабон (ВИДЕО)

Баерн Минхен загуби од Манчестер Сити со 3-0 на „Етихад“, а да не беше Јан Зомер, поразот ќе беше далеку поубедлив. И вака мисијата за „Баварците“ е тешка, со оглед дека Сити има голема предност пред реваншот во Минхен.

Премногу грешки на „Баварците“ особено во вториот дел, некоординарност на Упамекано кој делуваше како прв пат да игра натпревар во кариерата, а тоа го казнија момците на Пеп Гвардиола.

Во првиот дел кој беше сосема израмнет, Родри со еден удар од далечина му донесе предност на Сити. Тоа беше во 27. минута од средбата. Германците не беа лоши на стартот на вториот дел кога имаа неколку закани кон голот на Едерсон, но се распаднаа целосно по вториот гол во 70. минута. Лоша реакција на Упамекано, кој му ја подари топката на Грилиш, а овој додаде до Халанд кој спроведе до Силва за 2-0 за Сити.

Целосното „демонтирање“ на Баерн му се случи во 77. минута кога Халанд искористи нова грешка во одбраната на гостите, и погоди за 3-0. До финишот Зомер правеше чуда и спасуваше целосна катастрофа на Баерн, кому ова му е прв пораз во годинашното натпреварување во ЛШ.

И Интер направи голем чекор кон полуфиналето, откако ја совлада Бенфика со 0-2 на гостувањето во Лисабон. Нероазурите го скршија отпорот на Бенфика во вториот дел. Најпрво Барела во 50. минута по една добра акција со глава спроведе во мрежата на Влаходимос, за Лукаку во 82. минута од пенал зголеми на 2-0, и така му донесе огромна предност на италијанскиот тим пред реваншот во Милано.

Се вчитува...