Скокна рејтингот – Македонија со три клуба во ЕХФ Купот од 2018 година

Одличните резултати на машкиот и на женскиот тим на Вардар придонесоа да скокне рејтингот на македонскиот клупски ракомет, па со самото тоа од наредната сезона (2018/2019) нашата земја да има дури три претставници во ЕХФ Купот во машка конкуренција.

Европската куќа на ракометот денеска ги објави официјалните рангирања и поделбата на места во европските купови за сезоната 2018/2019. На ранг-листата во машка конкуренција Македонија благодарение на титулата во ЛШ на Вардар бележи скок и се наоѓа на осмото место, што значи еден сигурен учесник во ЛШ (актуелниот првак) и три екипи во ЕХФ-купот. Секако, не се исклучува можноста една од екипите со место во ЕХФ Купот да аплицира за да биде дел од ЛШ, како што тоа беше случај и сезонава, па Македонија да има по два учесници во двете најквалитетни европски клупски натпреварувања.

Што се однесува до женската ранг-листа, Македонија таму ја мина Црна Гора и моментно е деветта земја во Европа, што носи едно место во ЛШ, едно во ЕХФ Купот и две во Челинџ-купот.

Се вчитува...