Скопје го испраќа Вардар – нека биде со „капитал“ за фајналфор

Вардар вечерва го игра последниот домашен европски натпревар во ЛШ, против унгарскиот првак Пик Сегед, во обид да обезбеди предност и да се пласира на фајналфор турнирот во Келн. Воедно, ова ќе биде и последен меч во преполната сала „Јане Сандански“ за „вардарци“ во овој состав, по објавата на првиот човек на клубот дека на крајот од сезонава се повлекува од раководењето со поранешниот европски првак.

Скопје го испраќа Вардар, онака како како што доликува, со полна сала и заедничка желба – за крај да се стигне до уште еден фајналфор турнир. Ракометарите се во небрано, мораат да се фокусираат на претстојниот двомеч, но истовремено и размислуваат за следните чекори во кариерата, бирајќи меѓу понудите кои веќе пристигнаа на нивна адреса. Без оглед на се, нема сомнеж дека вечерва ќе дадат 100% од своите можности и ќе сторат се за разделбата од скопската публика да биде победничка.

„Ќе сториме се за да победиме, како за нас, така и за публиката која сигурно ќе ни даде сила. Целта е јасна – пласман на фајналфор во Келн и не отстапуваме од неа“ – порачаа едногласно неколку ракометари на Вардар.

Јасно е, патникот во Келн ќе се решава во Сегед на 5 мај, но добро е „вардарци“ да си обезбедат солиден „капитал“ вечерва, за да си ја олеснат задачата на реваншот.

Се вчитува...