Скопската бајка со хепиенд: Сегед падна, Келн е на дофат

Вардар е посилен од сите проблеми кои му стојат на патот, па во последниот европски натпревар во Скопје „црвено-црните“ повторно прикажаа незаборавна игра, совладувајќи го Пик Сегед со убедливи 31-23. Фантастичната атмосфера што навивачите ја создадоа како последен поздрав до избраниците на Парондо беше надополнета со беспрекорното издание на ракометарите на терен, за бескрајна радост. Јасно е, за пласман на Ф4 неопходно ќе биде и добра партија во Унгарија, но Вардар има и квалитет и искуство за такво нешто… за оваа бајка да заврши со нов фајналфор во Келн.

Натпреварот почна со израмнета игра, во која Пик Сегед неколку пати имаше минимално водство. Вардар прв пат поведе со 3-4 преку Мораеш, а откако Унгарците израмнија на 4-4, следеше „црвено-црна“ фурија во рок од десетина минути. Криштопанс постигна еден, па Карачиќ два гола, пред Скубе да зголеми на 8-4, за тотална еуфорија меѓу навивачите во СЦ „Јане Сандански“. Следеше исклучување на Калараш по кое гостинските ракометари успеаја да се вратат во мечот. Предноста на „вардарци“ експресно се истопи, Сегед дојде на само еден гол разлика (12-11) пред Парондо да земе тајмаут. Веднаш по минутата одмор прецизен беше Криштопанс, потоа прецизно биеше и Карачиќ, а на спротивната страна Сигурмансон со атрактивен погодок ги постави конечните 14-12 на крајот од првото полувреме.

Пастор на самиот старт од второто полувреме го уфрли Шего, кој за десет минути имаше четири одбрани, исто колку и Алиловиќ во целото прво полувреме. Мотивираниот Скубе не дозволуваше Сегед да се врати целосно во мечот, a Карачиќ со еден гол и еден изнуден пенал ја врати разликата на „плус четири“ (21-17). Пик Сегед повторно собра сили да се врати, а Дибиров промаши пенал при 21-19. Проблемите се зголемија веќе во следниот напад, откако Сигурмансон биеше прецизно за 21-20, по што Скубе доби исклучување поради приговор.

Кога беше најтешко, тука беше Игор Карачиќ, кој ја запре серијата на противникот, постигнувајќи извонреден погодок и изнудувајќи исклучување од Габер. Парондо побара тајмаут при водство на Вардар од 24-21, а во првиот нареден напад Скубе тргна храбро и го постигна својот шести погодок, од шестиот обид кон противничкиот гол. Самодовербата се врати, Унгарците влегоа во серија на грешки, а предноста на „црвено-црните“ се зголемуваше во секоја наредна минута благодарение на одличниот Милосављев. Пастор зеде тајмаут, но не успеа да ја стабилизира играта на својот тим, Вардар продолжи да доминира и на крајот заслужено славеше со конечни 31-23, со „бомбата“ на Криштопанс со звукот на сирената.

Карачиќ беше прв играч на овој натпревар со осум гола, исто толку постигна и Криштопанс, а шест Скубе, додека Милосављев нанижа десет интервенции.

Реванш натпреварот меѓу Пик Сегед и Вардар на програмата е на 5 мај.

Се вчитува...