„Скратени“ листи: Шкендија против Норчепинг, Осијек, Младост… Работнички меѓу Остенде, Судува, АЕК Ларнака…

УЕФА ги скрати и листите на можни противници на Шкендија и на Работнички во пресрет на ждребот за третото квалификациско коло за Лигата на Европа, што ќе се одржи денеска во 13 часот во Нион.

Шкендија по победата од 3-1 над Хелсинки е близу до третата рунда, а тетовските „црно-бели“ ќе ја имаат улогата на носител во ждребот, што им носи избегнување на фаворитите. Така, тимот на Ќатип Османи доколку го мине финскиот гигант потоа ќе се сретне со еден од следните тимови: Норчепинг – Тракаи (2-1 по првиот меч), Габала – Јагиелонија (1-1 по првиот меч), Слован Братислава – Лингби (0-1 по првиот меч), Штурм – Младост Подгорица (0-1 по првиот меч) и Осијек – Луцерн (2-0 по првиот меч). Најдобра опција би бил црногорскиот прволигаш Младост, доколку го комплетира изненадувањето по вчерашната победа над Штурм во Грац, а реално Шкендија со овој играчки состав може да се носи со секој од потенцијалните ривали.

Што се однесува до Работнички, избраниците на Виктор Треневски најпрвин ќе треба да приредат изненадување во Белорусија и да го елиминираат Динамо Минск. Доколку го сторат тоа, „романтичарите“ би биле носители во петтиот шешир заедно со Зенит, Брага, Олимпик Марсеј, Фрајбург и Сион. Тимот од Дебар маало потоа ќе се сретне со еден од следните тимови: Остенде, Жељезничар – АИК (0-0 по првиот меч), Тренчин – Бнеи Јахуда (1-1), Корк сити – АЕК Ларнака (0-1), Валур – Домжале (1-2) или Лиепаја – Судува (0-2).

Се вчитува...