Скубе: Ф4 е голем мотив, се е можно во Келн

Словенечкиот репрезентативец, Сташ Скубе со Вардар во Келн ќе го има првото искуство на завршниот турнир на четирите најдобри екипи во ракометната Лига на шампионите. Веќе во првата година во црвено-црниот табор, Скубе обезбедува место во клупската елита. Во интервју за официјалната страница на ЕХФ Лигата на шампионите, Скубе зборува за одличниот прием и успешната адаптација во Вардар како и за пламанот на Ф4 турнирот, но и за полуфиналниот противник, Барселона.

„Противникот во полуфиналето е еден од најдобрите тимови во Европа. Сигурен сум дека ќе имаме тешка задача. Но, кога ќе се земе в предвид целиот настан во Келн како и мотивираноста на сите тимови, можам да кажам дека се е можно“ – вели Скубе.

Скубе вели дека Вардар ги остварил зацртаните цели за сезонава, но секако играчите ќе направат се да дојдат до втората титула во историјата на клубот.

„Нашата главна цел сезонава, титулата во СЕХА лигата и пласманот на Ф4 во Келн се остварени. Бидејќи сме меѓу најдобрите во Европа ќе го дадеме најдоброто од себе за да направиме изненадување и да дојдеме до врвот“ – вели Словенецот кој досега за Вардар во Лигата на шампионите има постигнато 55 гола.

Скубе во Вардар дојде минатото лето од Пик Сегед, екипата која македонскиот првак ја елиминираше во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

 

 

 

 

 

 

Се вчитува...