Словенечко дерби во финалето на АБА2

Словенечките екипи Крка и Хелиос ќе се сретнат во големото финале на АБА2 лигата, по победите што ги забележаа во денешните полуфинални пресметки на завршниот турнир што се одржува во Домжале.

Крка за противник во првото полуфинале го имаше тимот на Подгорица, меч на кој тимот од Словенија рутински славеше со 86-74. Шпан беше најефикасен во победничкиот тим со 21 поен, пред Вучиќ со 15.

Домаќинот Хелиос по убедливиот триумф над Пелистер во четвртфиналето, денеска повторно славеше со импресивна игра, декласирајќи го составот на Широки бријег со убедливи 91-79, пред се благодарение на одличната втора четвртина што Словенците ја добија со 32-14. Махкович беше главен играч на Хелиос и во ова полуфинале постигнувајќи 24 поени, додека Лук оствари одличен дабл-дабл од 17 поени и 10 асистенции.

Финалето на АБА2 лигата ќе се игра в недела со почеток во 20.30 часот, победникот ќе се пласира директно во АБА1, додека поразениот ќе игра бараж со претпоследната екипа од АБА1, МЗТ Скопје или Борац Чачак.

Се вчитува...