Словенија демолирана – Шпанците стигнаа до билет за ОИ во Париз

Шпанија неочекувано лесно и убедливо ја декласираше Словенија со 32-22 во второто коло од олимпискиот квалификациски турнир во Гранолјерс, со што „црвената фурија“ речиси математички си обезбеди билет за претстојните ОИ во Париз. Шпанците сега имаат две победи, Словенија и Бразил по една, па на избраниците на Рибера ќе им биде доволно да избегнат двоцифрен пораз од над 19 гола разлика во последното коло со Бразил за да стигнат до толку посакуваниот олимписки билет.

Почетокот на вечерашниот дуел не најавуваше лесен развој на настаните откако Словенците подобро го отворија мечот и набрзина поведоа со 1-4. Гостите имаа водство се до 8-9 кон средината на првото полувреме, кога Шпанија со цврста одбрана на чело со одличниот Перез де ВАргас на голот не само што направи пресврт, туку на одмор замина со убедливи 20-13. Удобното водство беше рутински задржано и во вториот дел, во кој Шпанците ја осигураа победата која широко им ги отвора патот за Париз.

Во првиот меч од оваа група Бразил триумфираше над селекцијата на Бахреин со минимални 25-24. Словенија во последното коло е голем фаворит против Бахреин, додека Бразилците за олимписки билет би морале да слават над домаќинот Шпанија, за во кругот меѓу трите селекции со идентичен скор 2-1 да имаат подобра гол-разлика од Словенците.

Се вчитува...