Словенците бараат помош од публиката: Полни трибини на „Стожице“ за да падне Македонија

Фудбалската репрезентација на Македонија утревечер во Љубљана ќе го одигра вториот меч од квалификациите за ЕВРО 2020, а противник е селекцијата на Словенија. Составот на Матјаж Кек ремизираше (1-1) на гости против Израел и посакува првиот триумф да го оствари токму против нашиот национален тим. Словенците ја повикуваат публиката на помош, истакнувајќи дека им се потребни полни трибините на стадионот „Стожице“ во обидот да стигнат до победа против Македонија.

„Се надеваме дека ќе ја имаме потребната поддршка. Публиката ќе ни биде од голема помош против Македонија. Тие се одличен тим, а ние немаме друг избор и мораме да бараме победа на утрешниот меч. Веруваме дека ќе ги освоиме трите бода, а со поддршката од навивачите секако ќе ни биде полесно“, изјави Миха Зајц, соиграчот на Елиф Елмас од турскиот Фенербахче.

По воведното коло, Македонија се наоѓа на првото место на табелата во групата поради триумфот од 3-1 против Летонија.

Се вчитува...