Словенците ќе гледаат СП на телевизија, „Вујо мајсторе“ пред заминување

Словенија нема да биде дел од претстојниот ракометен мундијал откако оваа селекција во баражот беше елиминирана од Унгарија. Избраниците на Веселин Вујовиќ вечерва славеа на гостински терен со 22-26, но како пресуден се покажа првиот натпревар што Унгарците го добија среде Словенија со 24-29, трасирајќи си го патот кон мундијалот.

Унгарија го контролираше резултатот на денешниот реванш во првото полувреме, во вториот дел Словенците во неколку ситуации стигнуваа до „плус два“, а на три минути до крајот поведоа и со 21-24. Сепак, словенечките ракометари немаа доволно време за чудо, па победата со конечни 22-26 се покажа пирова за Вујовиќ и за неговите ракометари.

Овој неуспех најверојатно ќе значи и повлекување на Веселин Вујовиќ од кормилото на словенечкиот состав. Поранешниот македонски селектор се повлече од тимот на Копер, се погласно се говори за негова преселба на клупата на Висла, а по непласманот на СП речиси сигурно е дека ќе биде ставен крај и на неговата авантура како селектор на Словенија.

Словенија беше ривал на Македонија во групната фаза на последните две големи натпреварувања, на СП во Франција и на ЕП во Хрватска, но оваа силна репрезентација во јануари сепак нема да биде дел од елитниот светски ракометен собир.

Се вчитува...