Словенија го претрпе првиот пораз на овој европски шампионат откако избраниците на Урош Зорман вечерва во Хамбург беа надиграни од селекцијата на Шведска и заслужено поради со 28-22. Во клучна улога беше шведскиот голман Андреас Паличка, кој со одлични одбрани во првото и стартот од второто полувреме ги исфрли од ритам словенечките ракометари и го трасираше патот до победата на својата селекција.
Мечот беше израмнет повеќе од 20 минути, период во кој двете селекции многу промашуваа, а Швеѓаните не реализираа дури три седмерци. Пред самиот крај на полувремето Шведска се разбуди кога станува збор за нападот, Паличка имаше серија одлични одбрани (го заврши првиот дел со девет) и скандинавската селекција замина на одмор со предност од 11-7. Шведскиот голман продолжи во ист ритам и на стартот од второто полувреме, помагајќи неговата селекција експресно да поведе со 15-7 и практично да го реши прашањето на победникот.
Словенија за момент намали на 15-9, резултат при кој Маргуч не реализираше шенал, по што следеше нова серија на Швеѓаните и водство од 18-9. Остатокот од мечот мина во рутинско задржување на убедливото водство на „викинзите“, кои заслужено триумфираа со конечни 28-22. Паличка поради ситна повреда се повлече на клупата на половина од второто полувреме завршувајќи го мечот со 14 интервенции, две имаше неговата резерва Тулин, додека во нападот најефикасни беа Пелас со осум и Карлсон со шест погодоци. Алекс Влах беше најефикасен во словенечкиот табор со седум гола, а катастрофален меч одигра десниот бек Цехте, со шут од игра 0/6.
По едно одиграно коло од главната рунда во оваа група, Данска и Шведска се на делба на првото место со по 4 бода, Словенија и Португалија имаат по два, додека Норвешка и Холандија се без бодови и без шанси за пласман во полуфиналето на ЕП 2024.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА