Ракометната репрезентација на Словенија славеше на гостувањето против Литванија со 28-31, исход што максимално му одговара и на нашиот национален тим во борбата за билет за ЕП 2026. Словенците настапија со својот трет состав исполнет со младински репрезентативци, но и со таков ростер рутински ја одработеа задачата и стигнаа до посакуваниот триумф.
Литванија во ниту еден момент немаше контрола над мечот, младите Словенци правеа се за да го импресионираат селекторот Зорман, наметнувајќи темпо што домаќините не можеа да го следат. Гостите водеа во текот на целиот меч, пред крајот на првото полувреме посериозно се одлепија и поведоа со 12-18. Во второто полувреме Словенија имаше и 18-28, за до крајот Литванија само да го ублажи поразот до конечните 28-31.
По ова, веќе нема дилема дека Македонија самата ќе решава за сопствената судбина до крајот на овој квалификациски циклус, па нашите ракометари ќе треба најпрвин да слават утре во Талин над Естонија, а потоа дома со Литванија да бркаат победа од најмалку три гола разлика за сигурно да се второпласирани и да стигнат до билет за ЕП 2026.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА