Словенците самоуверени: Само со победа против Македонија целта ќе биде исполнета

Во таборот на Словенија владее очигледно силен оптимизам пред утрешниот натпревар од 2. коло во Групата Г од квалификациите за пласман на ЕП 2020. Македонија од 20:45 часот утре на стадионот „Стожице“ во Љубљана ја очекува втората квалификациска пресметка по победата над Летонија од 3-1 во Скопје.

Словенците, пак, ремизираа (1-1) на гостувањето против Израел па сега посакуваат само три бода за, како што велат, да биде исполнета целта од првите два квалификациски натпревари.

„Некако планиравме можеби четири бода од првите два натпревари во квалификациската група. Па, тоа ќе значи дека сега ќе мора да атакуваме на три бода против Македонија. Секако, не чека повеќе од тежок натпревар. Македонија може да биде големо изненадување во оваа група, но верувам дека ќе играме според очекуваното и ќе стигнеме до посакуваната победа“ – вели новиот селектор на Словенија, Матјеж Кек.

Слично е размислувањето и на фудбалерот на Атланта, Јосип Иличиќ, еден од најталентираните словенечки фудбалери…

„Изгубивме два бода против Израел кои ги заслуживме, па сега неизбежно ќе мора да ги надополниме против Македонија. Не ја потценуваме оваа репрезентација која е предводена од еден Горан Пандев, а има фудбалери како Несторовски, Трајковски, Барди… Но, за нас победата едноставно е императив“ – вели Иличиќ.

Се вчитува...