СЛОЖНО И СЕ Е МОЖНО – Пласман во главна фаза на Мундијал никогаш не е колку да се рече!

Македонската ракометна репрезентација се доведе во ситуација да стравува за секое свое издание на Светското првенство 2023 во Полска, по двете повеќе од бледи почетни партии на Мундијалот.

Па, сега, докрај нејасно е што може да очекуваме од пресметката со Аргентинците денеска од 18 часот во „Таурон арена“ во Краков, иако е јасно дека целокупната македонската јавност посакува победа и пласман во главната фаза на првенството.

Победа посакуваат и во таборот на македонската репрезентација, свесни дека само со единство во тимот, но и единство меѓу сите одлучувачки фактори за позитивен резултат, а меѓу нив и секогаш верните навивачи, може да се дојде до триумф над Аргентинците кој без сомнение многу ќе значи за подмладениот ракометен состав.

„Прифаќаме критика и тоа треба да е така. Ова е нова генерација и нова репрезентација која треба да созрева на големите натпреварувања. Различни се квалификациите и турнирскиот систем. Мислам дека ова Светско првенство кое што тешко го обезбедивме добро ќе им дојде на младите ракометари. Дојдовме со цел да ја поминеме првата фаза и така ќе се впуштиме на мегдан со Аргентинците“ – вели македонскиот селектор Кире Лазаров.

А, Аргентинците воопшто не се наивен противник. Напротив…

„Аргентина е екстра противник. Покажа досега дека игра цврст и силен ракомет. Тука некаде сме со квалитетот и мислам дека доколку сакаме да победиме мораме да одиграме максимално квалитетно, фокусирано и без емоција. Треба да учиме на грешките. Се надевам дека ќе бидеме и комплетни. Доколку има шанса Томи Јагуриновски ќе биде на располагање, но не сме се уште сигурни“ – дополнува Лазаров.

На единство меѓу сите чинители за успех вчера повика и Ракометната федерација на Македонија. Затоа што, ниту најмалку не е неважно дали ќе се победи Аргентина или не на овој Мундијал. Место во главната фаза на светскиот шампионат никогаш не е колку да се рече…, како што ќе речат некои. Тоа секако треба да се „испече“. Или го заслужувате или не. Никој нема да ни го подари! А, пласманот во потесниот круг на најдобрите во светот и тоа како значи! Без разлика што ќе се случува потоа таму!

Се вчитува...