Смилковски: Борбата до самиот крај ќе биде заштитен знак на ТФТ

Македонскиот претставник во квалификациите од Лигата на Шампиони, ТФТ не успеа да приреди сензација и на турнирот кој се игра во нашиот главен град да слави против Кемниц. Германскиот состав беше подобриот противник во првото полувреме во кое дозволи само 28 поени на „црно-белите“, а и покрај подобрата игра во вторите 20. минути освојувачот на Купот на Македонија немаше сили за камбек.

Бундеслигашот кој важеше за апсолутен фаворит на оваа средба ја оправда фаворитската улога, а тренерот на македонскиот состав Боро Смилковски и покрај тоа беше задоволен од прикажаното на неговиот тим на натпреварот поготово во второто полувреме.

„Да не звучи лудничаво, но задоволен сум од натпреварот. Таа некоја цел која ја имавме зацртано пред истиот ја остваривме. Видовме многу добри работи во однос на тоа што се договоривме поготово во второто полувреме. Имавме добра енергија и покрај тоа што на моменти беше евидентно дека играме против физички доминантна екипа. Сигурен сум дека на играчиве ќе им треба 48 часа одмор.

Не сум сигурен за резултатот и последната минута, но во второто полувреме бевме на ниво па и подобри од противникот и за тоа добивме честитки од нивна страна. Мислам дека самиот натпревар ќе ни служи за една исцрпна анализа за тоа каде ние се гледаме во сезоната. Ни ги покажа добрите страни како карактерот, не се откажавме на полувремето па дури и допринесовме забава во финишот кога се обидовме да се вратиме. Тоа ќе биде некој наш заштитен знак сезонава и ќе имаме што да покажеме сезонава на домашната сцена“, вели Смилковски за ЕКИПА.

Инфериорноста во однос на противникот на теренот беше видлива, физичката доминација се одрази во одбраната и контролата на скок играта на двата дела на теренот во првото полувреме кој беше еден од факторите за висока предноста по 20. минути игра. Смилковски вели дека физиономијата на играчите е неспоредлива, далеку поразлика во однос на македонските тимови и клубовите од АБА2.

„Апсолутно не, ова е нешто што стилски многу се разликува. АБА2 е физичка лига, меѓутоа ова е еден клуб со физиономија на 12 исто градени играчи кои што се способни да играат „фул корт прес“ 30, 40 минути. Способни се во „свич“ да бранат се. Главната разлика е што ваква екипа доаѓа на 100 отсто фокус од моментот кога слета во Скопје. Од тој момент до почеток тоа е еден натпревар и нема осцилации, додека нам ни треба време да се ападтираме на противник и тоа денеска направи разлика.

Генерално проблемот во првото полувреме ни недостасуваше време да веруваме дека тоа што се договоривме може и можеме да го оствариме. Ни требаше време да се ослободиме од притисокот како можеме да играме. Идејата која ја имавме за како да ги напаѓаме во многу од случаите ја остварвиме, стигнавме до отворени обиди. Овој натпревар ќе ни помогне многу во однос на тоа што гледаме кој ни е лидер и кој колку може да даде“

Од ТФТ ова лето заминаа двајцата клучни играчи, Ландриус Хортон и Амир Смит. Замената за „шутерот“ беше најдена во добропознатиот Австралијанец, но замената за Смит, Крис Тавиа не ги исполни очекувањата па тренерот на „црно-белите“ не ја исклучи можноста за промена.

„Тоа што ни недостасувса најмногу е енергија на таа позиција. Ние како тим кој две години ја базираше својата игра на „рол“ сега играме повеќе периметарски и ја базираме својата игра на шут за три или продор од таа позиција три. Тука мислам дека тоа ни е добро решение и ми се допаѓа како изгледа, но да. Ни недостасува енергија која ја даваше Смит. Противникот имаше таков играч и буквално правеше се на паркетот во напад и одбрана. Стилски ни недостасува и допрва ќе направиме анализа, но за очекување е дека можеби ќе побараме играч на таа позиција“, завршува Смилковски.

Се вчитува...