Офанзивно, решително, по први три бода во новиот квалификациски циклус. Летонија е ривал кој не треба да се потцени, но според квалитетот македонските фудбалери секако треба да ја добијат и да остварат успешен старт на квалификациите за ЕВРО 2020.
Капитенот Горан Пандев вечерва (20.45 часот) ќе го одигра 100. натпревар во националниот дрес, а во нападот ќе биде во друштво со Илија Несторовски, потпомогнати и од Александар Трајковски и од Ферхан Хасани по крилните позиции. Селекторот Игор Ангеловски ќе изведе на теренот офанзивна формација.
„Македонија и во овие квалификации ќе бара победа на секој натпревар, без разлика на противникот и ќе игра офанзивно. Таква е мојата фудбалска филозофија, фудбалерите одлично ја прифатија и нема потреба да ја менуваме. Летонија е ривал што заслужува респект, но мислам дека се зависи од нашето издание на вечерашниот меч“, вели селекторот Ангеловски.
На голот ќе биде Столе Димитриевски, а во одбраната по подолг период се враќа Дарко Велковски, кој ќе игра во тандем со Висар Муслиу во централната одбранбена линија. Стефан Ристовски и Езгјан Алиоски ќе бидат на страничните позиции.
Маневарот ќе биде многу значаен на вечерашниот дуел, Македонија треба да наметне иницијатива, а главни креатори на играта треба да бидат Енис Барди и Елиф Елмас. Пред нив ќе биде Горан Пандев, странично ќе делуваат Трајковски и Хасани, а најистурен во навалата Илија Несторовски.
Главен судија на вечерашниот натпревар меѓу Македонија и Летонија е турскиот арбитар Халис Оскахја, а ќе му помагаат Кемал Јилмаз и Керем Ерсој. Четврти судија е Хусејин Гочек.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА