Голманот кој со неполни два меча освои 12 трофеи, ја заврши кариерата

Поранешниот голман на Манчестер Сити и на англиската репрезентација Скот Карсон, соопшти дека ја завршува кариерата. Карсон ова лето му истече договорот со „Граѓаните“, и не успеа да најде клуб, по што ја завршува својата мисија на „Етихад“ со освоени четири титули во Премиерлигата и трофеј во Лигата на шампионите.

Токму во Сити го оствари најголемиот успех во 2023 година кога се закити со тројната круна. Тој стана култна личност во Манчестер Сити, затоа што одигра само 107 минути за овој тим, затоа што најголем дел го мина како трет голман и резерва на Едерсон и Стефан Ортега. Последен пат играше во март 2022 година, кога во второто полувреме влезе против Спортинг во 1/8 финалето во Лигата на шампионите.

„После неверојатното патување меѓу диреците, време е да ги оставам ракавиците. Фудбалот ми даде се, спомени, пријателства и моменти кои нема да ги заборавам. Благодарност до секој соиграч, тренер, навивачи и клубовите кои беа дел од моето патување. Ми беше чест“, наведе Карсон на „Инстаграм“.

За репрезентацијата на Англија одигра четири меча, а исто така беше дел од Ливерпул кога овој тим се закити со трофејот во Лигата на шампионите, ФА Куп и Супер Куп. Одигра повеќе од 100 меча за Дерби Каунти и Вест Бромвич Албион.

Се вчитува...