Солари ќе ја крпи одбраната: По Марсело, се повреди и Варан

Новиот тренер на Реал Мадрид, Сантијаго Солари, се соочува со криза во дефанзивната линија откако денеска беше обелоденето дека Рафаел Варан ќе мора да мине извесен период надвор од терените. Французинот, кој игра во очајна форма сезонава, се повреди за време на дербито со Барселона, а лекарите при деталните прегледи утврдиле проблем со мускулот поради што на Варан му е препорачано мирување од околу еден месец.

Левиот бек Марсело, кој постигна голови на последните натпревари со Леванте, Плзен и Барселона, исто така заработи незгодна повреда поради која ќе паузира петнаесетина дена, а веќе подолго време со повреда се мачи и Дани Карвахал.

Во една ваква ситуација јасно е дека Солари ќе мора да експериментира на следните неколку средби, но без оглед на проблемите од Аргентинецот во секој случај ќе се очекуваат победи против Валјадолид и Плзен доколку сака да си ги зголеми шансите за долгорочен договор како предводник на „кралевите“.

Се вчитува...