Солари му врати на Мурињо: За тренер на Реал има повеќе кандидати од Џулија Робертс

Сантијаго Солари не му остана должен на Жозе Мурињо откако Португалецот жестоко го критикуваше кормиларот на Реал Мадрид по поразот на последното „Ел Класико“. Мурињо истакна дека „Реал ја почнал сезоната со тренер, а потоа дошол Солари“, отворено сомневајќи се во стручноста на актуелниот стратег на европскиот првак.

Сепак, Солари на тоа гледа како на најобичен обид на Мурињо да се понуди за тренерската функција за наредната година.

„Не е никаква тајна, за тренер на Реал има повеќе кандидати од Џулија Робертс, затоа и не сум изненаден од таквите коментари. Со кого ќе излезе Џулија, со мене или со Жозе? Не знам, прашајте ја неа“ – прокоментира Солари.

Следен предизвик за Реал е реванш-натпреварот од Лигата на шампионите против Ајакс, на кој Солари нема да може да смета на капитенот Серхио Рамос.

„Серхио е нашиот лидер и секако дека ќе ни недостига, но имаме во тимот играчи кои поседуваат доволно искуство за да го заменат. Атмосферата во екипата е на највисоко ниво, не сме среќни по последните порази, но веруваме во себе и максимално сме мотивирани за претстојните предизвици“ – изјави аргентинскиот стратег.

Се вчитува...