Солбакен: Вардар е одличен тим, но има и свои слаби страни

Данскиот првак ФК Копенхаген дојде во Скопје за да оствари добар резултат и да направи чекор напред кон пласманот во следното коло од квалификациите во Лигата на шампионите. Тренерот Стале Солбакен со епитети зборува за македонскиот шампион Вардар, истакнувајќи дека поседува тим за респект, кој апсолутно заслужено го елиминира шведскиот претставник Малме.

„Дојдовме овде со една цел, да не си поминеме како нашите соседи Малме. Го гледавме двомечот, анализиравме, и можам да кажам дека Вардар има одличен тим, со навистина врвни индивидуалци. Би ги издвоил креаторот на играта Фелипе, робусниот напаѓач Балотели, но и капитенот Грнчаров. Секако, тука се и двајцата играчи за врска, Спировски и Николов, како и голманот Гачевски, кој бранеше навистина одлично на двата меча против Малме. Има Вардар и свои слаби страни, и сега секако нема да ги кажам, но ќе се обидеме да ги искористиме на утрешниот меч“, изјави тренерот на ФК Копенхаген на прес – конференцијата во ФФМ, во пресрет на официјалниот тренинг на тимот, кој ќе се одржи на комплексот „Петар Милошевски“.

IMG_3764

Тренерот на гостите е свесен дека ФК Копенхаген е можеби и малку повластен во однос на Малме, затоа што мечот ќе се игра на „Телеком арена“, а не на стадионот „Младост“ во Струмица.

„Ние сме во мала предност, затоа што на првиот меч гостуваме, а ќе играме и на добар терен, на стадионот во Скопје. Но, од друга страна, тука ќе има повеќе публика и ќе биде сигурно пеколно. Сепак, подготвени сме за сите искушенија“, напомена шефот на стручниот штаб на данскиот првак.

Се вчитува...