Солскјер доби тригодишен договор во Манчестер Јунајтед

Норвешкиот стратег Оле Гунар Солскјер доби перменантен договор од Манчестер Јунајтед и ќе остане на клупата на „црвените ѓаволи“ во наредните три години. Тој дојде на „Олд Трафорд“ на местото на Жозе Мурињо и првично доби шанса до крајот на сезоната, но успеа да го опорави тимот на чудесен начин и го врати во трката за влез во Лигата на шампионите. Тој стана првиот менаџер кој победил на првите шест натпревари предводејќи го Манчестер Јунајтед, уривајќи го рекордот на легендарниот сер Мат Бејзби.

Солскјер мина 11 сезони како фудбалер на „Олд Трафорд“, го постигна победничкиот гол во финалето на ЛШ во 1999 година, а тренерскиот занает го усоврши во Молде, од каде и пристигна во Манчестер Јунајтед. Кога го презема тимот, се наоѓаше на шестата позиција со 11 бода негатива во однос на четвртопласираниот тим на табелата, место кое води во Лигата на шампионите.

„Од првиот момент кога пристигнав, се чувствувам како дома во овој за мене специјален клуб. Ми беше чест да бидам играч на Манчестер Јунајтед, а сега сум уште посреќен затоа што можам да го водам тимот“, изјави Оле Гунар Солскјер.

 

 

Се вчитува...