Солскјер го избриша Алексис Санчез, Чилеанецот оди на позајмица

Оле Гунар Солскјер успеа да воскресне неколку фудбалери на Манчестер Јунајтед, но Алексис Санчез не е еден од нив. Чилеанецот доби неколку шанси од норвешкиот стратег да се врати во топ-форма, но одигра многу слабо, во меѓувреме заработи и повреда, па се очекува да се врати до крајот на овој месец на терените. Сепак, Солскјер веќе донел одлука – за Алексис Санчез ќе нема место во тимот на Јунајтед, а чилеанскиот голгетер ќе биде достапен и на позајмица откако ниту еден клуб во изминатите месеци не покажа ниту минимум интерес за целосно да го откупи неговиот договор со „црвените ѓаволи“.

Проблемот е јасен – платата од 400.000 фунти неделно што му ја дава Јунајтед, а која нема намера да му ја израмни ниту еден друг клуб во Европа. Воедно, огромната заработувачка направи и раздор во соблекувалната на Јунајтед, па сега Де Хеа не сака да потпише нов договор ако не добие исти услови како и Санчез, па јасно е зошто Солскјер сака да го отстрани час поскоро за да создаде силен колектив на „Олд Трафорд“.

Барселона денеска ја отфрли можноста за ангажман на својот поранешен напаѓач, како опција редовно се споменува ПСЖ, а не се исклучува можноста во трката да се вклучи Интер, за кого позајмица ќе биде интересна опција доколку биде продаден Мауро Икарди.

Се вчитува...