Сопругите во ПСЖ се налутија, па „удрија“ по тренерот Емери

Еден пораз беше доволен повторно да се појави сериозна тензија во редовите на Пари сен Жермен, откако „светците“ се најдоа на работ на елиминација од Лигата на шампионите, натпреварувањето кое е зацртано како главна цел за овој дрим-тим за сезонава. И додека тренерот Емери вината ја бара кај судиите, голем дел од француската јавност како главен виновник го посочува токму шпанскиот стратег, поради неговите чудни тактички одлуки, раната замена на Кавани и неиграњето на Анхел ди Марија и Тијаго Силва, двајца фудбалери од светска класа кои беа игнорирани за дуелот на „Сантијаго Бернабеу“.

Меѓу оние кои најгласно го критикуваат тренерот на ПСЖ се токму сопругите на овие двајца фудбалери. Поубавата половина на Силва преку социјалните мрежи јавно праша: Тактика? Каква тактика?, посочувајќи ја одлуката на Емери мечот да го почне со Кимпембе наместо со Бразилецот како една од главните причини за поразот.

Анхел ди Марија играше во извонредна форма на последните натпревари на кои добиваше шанса од Емери, а јасно е дека Аргентинецот можеше да помогне многу повеќе од оние кои ги избра тренерот на ПСЖ, кој во финишот се реши за формација со Дани Алвеш како дел од ударното трио.

„Дополнителен напор на тренинзите… голови… асистенции… играње во топ-форма… Сето тоа е еднакво на клупа за резерви“ – порача сопругата на Ди Марија, кој летово речиси сигурно ќе си замине од „Паркот на принцовите“.

Се вчитува...