Спас во последен час за „Меси и другарите“

Аргентина ќе биде дел од осминафиналето од овој мундијал и покрај очајното издание во првите две кола, откако „гаучосите“ вечерва во неверојатна борба успеаја да триумфираат над Нигерија со 2-1. Мечот беше максимално драматичен, африканската селекција промаши два зицери при резултат 1-1, за на крајот да биде казнета со голот на Маркос Рохо во 86. минута. Лео Меси го постигна својот прв гол на мундијалот, а во следната фаза „гаучосите“ ги очекува супер-тежок предизвик – дуел со европскиот вицепврвак Франција.

А почетокот беше ветувачки, откако Меси конечно го прекина проклетството и го постигна својот прв гол во Русија, за еуфорија меѓу аргентинските навивачи. Првото полувреме мина во аргентинска доминација, по водечкиот гол одлична шанса пропушти Игуаин, па Меси од слободен удар го погоди и дирекот од голот на противникот.

Потоа, се се смени на самиот почеток од вториот дел, кога Маскерано почетнички направи пенал по еден корнер, па Мозес рутински реализзираше од белата точка. Нигеријците добија крилја, стануваа се поопасни, промашувајќи две извонредни шанси за целосен пресврт. Гонзало Игуаин се посрамоти не реализирајќи зицер на десетина минути до крајот, но во последен момент спасителот беше дефанзивецот Рохо, кој со прецизен волеј удар ја донесе толку посакуваната победа во 86. минута.

Хрватска рутински си ја одработе задачата против Исланд, одморајќи голем дел од првотимците и стигнувајќи до победа од 2-1. По здодевното прво полувреме „коцкестите“ први поведоа преку Бадељ, по што Исланд тргна во тотална офанзива. Најмалата земја на овој мундијал најпрвин го погоди дирекот, а потоа стигна до израмнување од пенал, откако Ловрен играше со рака во сопствениот шеснаесетник. Исланѓаните во финишот се отворија, но стигна казната во 90. минута, кога Перишиќ ја донесе и третата победа во низа на Хрватска на овој мундијал.

Следен противник на Хрватска ќе биде Данска, селекцијата што го освои второто место во групата Ц.

Се вчитува...