Новата кошаркарска сезона во Македонија започнува претстојниот викенд. Титулата ќе ја брани МЗТ Скопје, а во новата сезона во Суперлигата ќе учествуваат десет екипи.
Тренерот на Пелистер, Тане Спасев пред стартот на сезоната ги искажа своите очекувања.
Колку сте задоволни од сработеното во подготвителниот период и дали тимот ја дочекува премиерата на новата натпреварувачка сезона во посакуваната физичка и тактичка форма?
„Секогаш може подобро и повеќе, но во согласност со временскиот период што го имавме на располагање, би рекол дека сме на солидно ниво и го очекуваме почетокот на првенството во добра атмосфера“, вели Спасев.
Со оглед на засилувањата во сите клубови, каква Суперлига очекувате оваа сезона и каде ја гледате предноста на вашиот тим во однос на директните ривали?
„Лигата ќе биде изедначена и секој натпревар ќе биде од огромна важност за крајниот распоред на табелата. Победа или кош разлика ќе бидат пресудни и може да имаат влијание на конечниот распоред на табелата во однос на 2-3 места на подобро или полошо. Нашата предност би требало да биде одбраната, брзата игра и трансформацијата од одбрана во напад како и шутот за три поени“.
Колку е важна победата во премиерното коло од психолошки аспект и каква порака сакате вашата екипа да испрати до јавноста и навивачите со првиот сезонски настап?
„Секој почеток е тежок, дали домашен терен или на гости. Ја повикувам битолската публика да дојде во салата во што поголем број и да ја поддржи оваа млада екипа. А ние ќе дадеме се од себе да победиме и да покажеме добра игра со која тие би биле горди и задоволни“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
