Спиркоски, Дигаловски и Момировски први засилувања на Победа

На првиот ден од летниот преоден рок прилепскиот второлигаш Победа ангажира три засилувања. Од денес нови црвено-бели се: Бојан Спиркоски, Дарко Дигаловски и Игор Момировски.

26-годишниот Спиркоски практично по пет години се враќа во Победа откако по заминувањето од Прилеп ги бранеше боите на Брегалница, Лабунишпта, Силекс и Велешта. Станува збор за веќе докажан офанзивен везен играч кој треба да биде големо засилување на Победа.

Дарко Дигаловски (24 години) игра на стоперската позиција и треба да биде значајно засилување во одбраната на Победа во новата сезона. Се работи за играч кој настапувал за неколку национални младински селекции, со Металург во Првата лига, а потоа и за Тиквеш, Брегалница и Саса, од каде доаѓа во Прилеп.

Најмлад од тројцата нови фудбалери е 21-годишниот играч од средниот ред Игор Момировски. Тој потекнува од младинската школа на Пелистер каде настапувал и во сениорска конкуренција а минатата сезона беше стандарден првотимец на Слога Виница.

Со ангажирањето на првите три засилувања на стартот од преодниот рок Победа ја најавува својата најсериозна кандидатура за 1. место во новиот второлигашки шампионат и враќање онаму каде и му е местото на миленикот на прилепските љубители на фудбалот – Првата лига. До крајот на трансфер периодот (6. септември) Победа се очекува да ангажира уште неколу квалитетни заислувања со кои ќе се подигне квалитетот на тимот за остварување на зацртаната цел.

Се вчитува...