Има само една разлика меѓу „омразениот“ Мурињо и „саканиот“ Солскјер

Поранешниот стратег на Манчестер Јунајтед, Луј ван Гал, даде интересна споредба за принципите на работа и стилот на игра што го преферираат Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјер. Норвежанецот успеа да го воскресне гигантот од „Олд Трафорд“, но според Ван Гал кога станува збор за стилот на игра меѓу него и Мурињо има само една единствена разлика.

„Солскјер ја подобри атмосферата во тимот и му даде поинаква, поважна улога на Погба. Сепак, ако говориме за тактика Солскјер и Мурињо се исти, инсистираат на цврста одбрана и контранапади. Единствената разлика меѓу „саканиот“ Солскјер и „омразениот“ Мурињо е што Норвежанецот победува, а кога тоа се случува нормално е сите да бидат среќни“ – истакнува Ван Гал.

Искусниот холандски стратег не крие дека е разочаран од третманот што го имал кај управата на клубот.

„Една работа нема да му простам на Ед Вудард, што преговараше со наследникот (Жозе Мурињо) зад мојот грб. Тој шест месеци знаел дека ќе ме смени, но молчеше и се правеше дека ми дава поддршка. Во тој период јас на секоја прес-конференција одговарав на прашања за мојата позиција во клубот, што сосема логично ми го наруши и авторитетот врз екипата. Медиумите пишуваа дека сме играле здодевно, но тоа беше така само против екипи кои „паркираа автобус“ против нас. А сега Мурињо и Солскјер го прават токму тоа, „паркираат автобус“. Тоа не е начинот на кој Алекс Фергусон го водеше клубот“ – порачува Луј ван Гал, кој минатиот месец објави дека ја завршува својата тренерска кариера.

 

Се вчитува...