Спортинг ја намали цената за Стефан Ристовски

Заминувањето на Стефан Ристовски од Спортинг Лисабон повторно е актуелна тема во португалската јавност, откако македонскиот репрезентативец не се појави во овој тим на последните две средби. Десниот бек го пропушти дуелот од Лигата на Европа против Абердин, потоа не беше во комбинација ниту за пресметката со Пакош Фереира, по што стана јасно дека Македонецот повторно ќе биде во немилост на тренерот Рубен Аморим.

Весникот „А Бола“ тврди дека раководството на Спортинг дури и ја спуштило цената за Ристовски, откако станало јасно дека ниту еден клуб не е подготвен да плати четири милиони евра за да го донесе македонскиот интернационалец во своите редови. Португалскиот клуб сега очекува да заработи меѓу 2,5 и 3 милиони евра од овој трансфер, што би значело враќање на инвестицијата ако се знае дека Спортинг во 2018 година плати 2,2 милиони евра за да го донесе Ристовски од Ријека.

Најсериозен интерес во текот на летово за ангажман на Ристовски покажуваше тимот на Волфсбург, кој би можел да испрати нова понуда во ситуација кога Спортинг ја намали цената на Македонецот.

Се вчитува...