Спортинг поднесе жалба за црвениот картон на Ристовски

Спортинг Лисабон веднаш поднесе жалба до Дисциплинската Комисија на Португалската Фудбалска Федерација, во обид да биде избришан црвениот картон што Стефан Ристовски го доби во завршницата од натпреварот со Чавес. Целиот тим на Спортинг беше во шок кога судијата го исклучи македонскиот репрезентативец по прегледување на видео-снимката со ВАР, иако на неа јасно се гледаше дека Ристовски стигнува до топката пред домашниот напаѓач.

Токму поради ова во лисабонскиот клуб владее оптимизам дека жалбата ќе вроди со плод, откако ќе биде уште еднаш прегледана снимката од целиот според случај. Воедно, од Спортинг инсистираат и на брз одговор, во текот на утрешниот ден, за доколку биде помилуван Ристовски да може да настапи на дербито со Бенфика во Купот на Португалија.

Само за потсетување, Македонецот доби црвен картон и на дуелот со Сетубал, кога исто така не настапи против Бенфика како дел од суспензијата. Тогаш жалбата на Спортинг за намалување на казната од два на еден натпревар неиграње беше прифатена, но одлуката беше обелоденета само два часа пред дуелот со Бенфика, откако тренерот веќе го избра тимот за тој натпревар.

Уште еднаш погледнете ја судиската фарса при покажаниот црвен картон на Ристовски против Чавес, на ОВОЈ ЛИНК.

Се вчитува...