Кога народ со култура и традиција како јапонскиот ќе избере некого за свој национален херој и инспирација – тој некој мора навистина да вреди. А со години наназад омилен спортист на Јапонците е Нориаки Касаи, кои веќе не освојува медали како порано, но импресионира со својата упорност, како и спортскиот дух што го покажува. Како инаку да се објасни фактот дека Касаи и на 46-годишна возраст во наредните денови повторно ќе се појави на Новогодишната турнеја „Четири скокалници“.
Извонредниот ски-скокач веќе 30 години е дел од овој спорт, дебитираше во далечната 1988 година, уште пред Македонија да стане независна држава по распадот на поранешна Југославија.
„Сите зборуваат за мојата возраст, а јас им враќам дека можам да скокам уште десет години. Тајната на мојата долговечност е во јапонската исхрана и во силното срце. И ден денеска тренирам со исто темпо како и кога имав 20 години“ – истакнува Касаи.
Нориаки Касаи во својата кариера има освоено речиси се, бројни медали од светските шампионати, четири сребра и шест бронзи од ЗОИ, а за комплетирање на неверојатната колекција му недостига само златно одличје од Олимпските Игри. Речиси сигурно е дека колекцијата нема да биде комлетирана, но кај Касаи секогаш поимпресивен бил карактерот и духот што го пренесувал врз својот спорт отколку самите резултати. И токму тоа го прави спортска легенда, не само во Јапонија туку и многу пошироко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА