СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Највисоките порази и победи на Вардар

Најтежок пораз во поранешна Југославија Вардар го доживеа во Сплит од Хајдук кога загуби со 12:1, во Македонија беше поразен од кумановскиот клуб Милано со 9:1

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Последните два убедливи порази на Вардар против Силекс со 4:0 и Шкендија со 5:1 во Скопје во годинашново првенство на Македонија, не принудија да ги потсетиме нашите читатели, особено на помладата генерација, на највисоките порази и победи на најтрофејниот наш клуб кога играше во Првата и Втората лига во поранешна Југославија и во последните дваесетина години откако се натпреварува во Првата лига на Македонија.

Најтежок пораз во својата богата историја Вардар го има доживеано во Сплит на 11 мај 1948 година кога за првпат дебитираше во Првата лига на Југославија. Загуби со неверојатен резултат -12:1 што е и највисок пораз на еден клуб во Првата лига на пoранешна Југославија.

На овој меч Вардар играше во состав: Дилев, Герасимовски, Петровски, Кокиновски, Киприновски, Давидовски, Сезаир, Цекиќ, Јаневски, Андоновски, Христовски.

Единствениот гол за Вардар го има постигнато Васко Кокиновски-Макара.

Во сезоната 1957/58 , на 8 март Вардар го претрпе и вториот највисок прволигашки пораз кога во Белград загуби од Црвена со 9:1.

Еве го и тој состав на Вардар: Цветковски, Вучидолов, Лазаревски, Јоциќ
Петровски, Шулинчевски, Ѓурчиновски, Николовски, Дончевски, Велковски, Илиевски.

Вардар уште еднаш, во сезоната 1984/85 на 3 март има претрпено висок пораз од Црвена звезда во Белград-со 7:2.

Да ги одбележиме и двата високи порази на Вардар од Партизан. И тоа за неколку месеци. Првиот на 8 јуни 1952 година кога беше поразен во Белград со 7:1, а вториот на 19 октомври, исто така на стадионот на ЈНА со 9:2.

На овој вториот натпревар Вардар настапи во овој состав: Видиниќ, Новаков, Лазаревски, Миланов, Кокиновски, Геров, Цинциевски, Велковски, Георгиевски, Јаневски, Каранфиловиќ.

Највисока победа во Првата лига на Југославија Вардар ја има забележано на 7 септември во Скопје 1948 година против Понцијана од Трст со 6:0.

Да ги потсетиме читателите и на тој состав на Вардар: Димитровски, Петровски, К. Георгиевски, Давидовски, Кокиновски, Геров, Цинциевски, Андоновски, Јаневски, Балевски, Христовски.

На 23 август 1952 година Вардар ја забележа и втората највисока победа во Првата лига совладувајќи го Сараево со 5:0.

На свој терен, во Скопје во Првата лига Вардар беше „туширан“ на градскиот стадион кога на 8 март 1985 година загуби од Железничар / Сараево/ со 5:0.

Во второлигашката конкуренција во поранешна Југославија Вардар ја има постигнато највисоката победа во Скопје на 9 септември 1951 година против Бокељ од Котор со 8:0. Интересно е да се напише дека највисока победа во гости во Втората лига вардарците ја имаат забележано исто така против Бокељ, сега во Котор со 8:1.

Најтежок второлигашки пораз Вардар го има почувствувано на мечот со тогашниот Морнар во Сплит на 17 април 1949 година кога загуби со 6:1.

На меѓународната сцена Вардар ги има постигнато највисоките победи против две турски екипи кои гостуваа во Скопје. Во 1958 година го порази Шекерспор со 10:1, а 1961 година Демир спор од Адана со 7:0.

Најтежок пораз на домашен терен е од будимпештански Вашаш во Скопје со 5:0 во 1961 година.

Пред да завршиме со највисоките победи и порази на Вардар во поранешна Југославија да се вратиме на Купот. Во Скопје 1979 година Вардар ја победи екипата Темпо од Салцбург, составена од играчи, иселеници од Југославија кои добија право да играат во Југословенскиот куп и беше поразена со 15:0.

Сигурно читателите, љубителите на фудбалот се прашуваат, кој беше највисокиот пораз на Вардар во првенството на Македонија. Тој 11 мај 2008 година е одбележан со црно букви во историјата на клубот. Во Куманово, Вардар беше прегазен од екипата Милано дури со 9:1. Тоа беше време на големи превирања во клубот, кога се менуваа претседатели, луѓе од управата, кога Вардар не личеше ниту на маалски клуб. Тогашниот тренер Кирил Дојчиновски, имаше проблеми да го состави тимот, бидејќи стандардните првотимци не сакаа да играат така што беше принуден да им даде шанса на повеќе млади играчи.

За првпат на голот се појави Никола Ангеловски, голман на јуниорите, кој бранеше само на овој меч и никогаш повеќе за првиот тим. Играа уште: Филип Спасовски, Оливер Пеев, Музафер Ејупи /Мартин Јанушев/, Петар Стевковски, Марко Костенцовски, Бојан Блажевски, Трајче Стојковски, Игор Стојчевски Филип Петров и Александар Баевски.

Тренер на Милано беше Ѓоре Јовановски, кој имаше силен тим: Едо Нурединовски, Зоран Јовановски, Милан Илиевски, Саше Лазаревски, Кемал Омеровиќ, Ивица Глигоровски, Фарук Статовци, Саша Стојановиќ, Арменд Алили, Саше Ристов и Гаши Фисник.

Иако во составот на Вардар има познати имиња, тие подоцна станаа стандардни првотимци.

Во Купот на Македонија Вардар држи своевиден рекорд по висина на победите. На 3 август 2003 во Прилеп во осминафиналето вардарците го победија на стадионот „Гоце Делчев“, членот на Општинската лига Пролетер дури со 16:1/8:0/.

На овој меч Вардар играше со повеќе резервни играчи: Јовчев, Ристевски, Ѓошевски, Џангаровски, Милевски, Божиновски, Тасевски, Георгиевски, Начевски, Мисердовски, Петков.

На клупата беа: Баснарков, Блесинг, Захариевски, Вандаир и Оливиера.
На оваа средба Марио Петков постигна 8 гола што е , барем досега рекорд по постигнати голови на играч на еден натпревар во Македонија.

Да одбележиме дека Вардар во Купот држи уште еден рекорд, во 1995 година во четвртфиналето го победи Башкими од Куманово со 15:0.

Богата е фудбалската историја на Вардар, исполнета со победи и порази, старите весници се веќе со избледени букви така што оставаме на нашите читатели да не потсетат на некој висок резултат на Вардар што не успеавме да го пронајдеме во нашата документација.

Се вчитува...