СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: „Тајфунот од Чаир“ сега е историја

Еден од најстарите и прв официјално регистриран клуб во Македонија, Балкан од Скопје, повеќе не постои

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Многумина љубители на фудбалот во Македонија сигурно ќе се запрашаат, кога исчезна еден од најстарите и прв регистриран клуб во Македонија уште во далечната 1921 година Балкан од Скопје. Беше и шампион на Македонија, првак на Третата лига-исток во поранешната Југославија, во лига во која играа Раднички од Крагуевац, Трепча, Дубочица од Лесковац, Нови Пазар, Лирија од Призрен, Победа, Брегалница, Силекс, Раднички од Пирот…Во сезоната 1991/92 играше и во единствената Втора лига на Југославија.

Беа тоа убави времиња, кога „Тајфунот од Чаир“ како што новинарите го нарекоа Балкан, редеше победи во Македонската лига, во својата историја имаше и падови и подеми како во секој клуб, но за жал, беспарицата го направи своето, денес останаа само спомени за Балкан, на една плејада на одлични фудбалери и тренери кои продефилираа низ овој клуб, предводени од двајцата луѓе кои беа „алфа и омега“ на Балкан, претседателот Ванчо Георгиевски и секретарот, неговиот брат Благоја.

Балкан е еден од најстарите клубови во Македонија, формиран во далечната 1921 година, на 3 февруари на основачкото собрание што се одржало во тогашната „Трпчева меана“ кога и официјално почнал да егзистира овој клуб од населбата Чаир чија боја на дресовите беше црвена што им „бодеше“ очи на тогашната власт. Иницијатори и основачи на Балкан биле Ѓоре Иванов како прв претседател, како и Тоде Петрушевски-Чортан кој беше избран за секретар. Првите простории за состаноци и соблекувална биле во задниот дел од „Трпчевата меана“ а првото изградено фудбалско игралиште на кој Балкан ги играл своите натпревари било на местото каде денес се наоѓа салата на поранешниот ДТВ Партизан. Подоцна, активниот фудбалер Никола Стојановски-Пупи на клубот му отстапи една поголема просторија од својата куќа која им служеше на фудбалерите како соблекувална.

По неколку месеци, благодарејќи на комплетната документација што ја поседуваше Балкан беше и официјално регистриран како прв фудбалски клуб од Македонија во Белградскиот лоптачки потсојуз бидејќи ниту во Скопје ниту во другите градови во Македонија немаше кој тоа да го направи.

Во некои документи за формирањето на првите клубови во Македонија пишува дека Љуботен од Тетово е најстар клуб, формиран 1919 година, но во оригиналните документи за регистрирање на Балкан во Белградскиот лоптачки потсојуз дословно пишува: ФК Балкан е прв регистриран клуб во „Вардарската бановина како што во тоа време ја нарекуваа во Србија Македонија. Регистрацијата е извршена на 30 мај 1921 година, со официјален документ со потпис на тогашниот секретар на БЛП Коста Таушановиќ. Овој документ за регистрацијата на Балкан се чува во Музејот на град Скопје, копија во сочуваните документи во клупската архива.

Сочувани се и имињата на првите фудбалери на Балкан кои биле регистрирани во БЛП. Тоа се: Ордан Марковски, Лазо Николовски, Никола Митревски, Трајко Шуплев, Трајче Иванов, Димче Глигоров, Панче Анчевски, Никола Стојановски, Ангеле Кочанклиев.

Се до 1927 година не можело да стане збор за некое поорганизирано натпреварување се до формирањето на Скопскиот лоптачки потсојуз и кога почнаа да се играат натпреварите во Првата и Втората група на скопскиот потзојуз.

Од тогаш почна и подемот на Балкан, особено по втората светска војна. За првпат почна се почесто да се говори за Балкан кога во сезоната 1966/67 стана првак на Скопскиот потсојуз-Прва група, и по квалификациите со Осогово стана член на Првата лига на Македонија освојувајќи го второто место таа сезона.

Во тие седумдесети години Балкан играше видна улога во Македонската лига освојувајки секогаш висок пласман , настапувајки со како што добрите познавачи на овој клуб тврдат, најдобриот состав во неговата историја: Слободан Илиевски, Алексо Мацков, Баже Стојановски, Стерио Бураку, Мите Велков, Слободан Цоневски, Стерио Георгиевски, Васил Зајкос, Кире Спасовски, Панде Гичев.

Меѓутоа, не цветаа секогаш рози за Балкан. Имаше и падови, настапи во Меѓурегионалната лига-запад, клубот се бореше со многу проблеми се до доаѓањето на кормилото на тренерот Зоран Мишиќ, сигурно најдобриот во неговата долга и богата историја.По освојувањето на првото место во Меѓурегионалната лига 1988/89,Балкан за првпат стана и шампион на Македонија во сезоната 1989/90 пред Работнички, Тиквеш, Македонија Брегалница, Победа. И како првак се пласира во Третата лига-исток во рамките на Југославија. Но тоа не беше се, во истата сезона го освои првото место и 1991/92 настапи и во единствената Втора лига на Југославија кога на крајот го освои деветтото место во моше силна конкуренција.

Тој најголем успех го постигнаа: Џемаил Зекири, Цене Александровски, Ферид Бегановиќ, Љупчо Рафевски, Гоце Димовски, Миле Михајлов, Дејан Кускински, Мухамед Салихи, Џенан Хајдари, Васко Божиновски,… Во управата беа Љупчо Николовски-Фуфо, Раде Станоевиќ, сопственикот на ресторанот „Три бисери“, секретар Гоце Јовановиќ. Но мора да се каже дека сите успеси на Балкан се поврзани за браќата Ванчо и Баже Георгиевски, кои се „родитетели“ на овој поранешен популарен клуб од Чаир.

Овој успех, потоа и неколку години во Македонската лига во самостојна Македонија, кога постојано беше меѓу првите пет екипи во Лигата се до 1998/99 година беа и последните успеси на „Тајфунот од Чаир“ кога испадна од Првата лига, за да повеќе никогаш не се врати. Се мачеше две-три сезони во второлигашкото друштво, потоа испадна и од него, играше во Третата лига север, во Општинската лига на Скопје и денес веќе не постои Балкан. Ниту игра во некоја лига, ниту пак фигурира на фудбалската карта на Македонија.Чаир остана без Балкан, ја нема и Слога Југомагнат, денес Шкупи, но Балкан беше историја на македонскиот фудбал. За жал, така заврши миленикот на чаирчаните, никој не сакаше да му подаде рака. Да го извади од бездна.

Се вчитува...