Србија остана без уште еден плејмејкер за Евробаскет

Србија се соочи со нов проблем на дваесетина дена пред стартот на Евробаскет откако Алекса Аврамовиќ заработи тешка повреда поради која плејмејкерот на Партизан ќе мора да го пропушти претстојниот европски шампионат.

Селекторот Пешиќ во текот на вчерашниот ден донесе конечна одлука да му даде предност на Аврамовиќ пред искусниот Милош Теодосиќ, откако директно му соопштил на асот на Виртус Болоња дека не смета на неговите услуги во националниот тим. Само 24 часа подоцна, Аврамовиќ заработи тешка повреда на раката поради што ќе следи пауза од околу два месеци од терените, што значи дека кошаркарот на Партизан ќе го пропушти и стартот на новата сезона во АБА-лигата.

Останува да се види дали Пешиќ ќе се премисли и ќе реши да го врати Теодосиќ назад во националниот тим, или ќе се реши за трета опција.

Само за потсетување, „орлите“ за овој европски шампионат не можат да сметаат ниту на Богдан Богдановиќ, кој се уште се опоравува од незгодната повреда заработена во дресот на Атланта хоукс.

Се вчитува...