Србинот Катниќ е нов кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром

Поранешниот талент на српската кошарка и освојувач на две европски и едно светско злато во младинските конкуренции, Душан Катниќ (28 год., 194 см.), е нов член на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска потпиша договор  со важност до крајот на сезоната.

Станува збор за плејмејкер од кого се очекува да ја пополни празнината по заминувањето на Британецот Девон ван Острум, кој потешко се повреди во полуфиналниот дуел од Купот на Македонија против Фени индустри. Зад себе има златни медали со Србија од Европските првенства во јуниорска и во младинска конкуренција (2007 и 2008) како и од Светското првенство за играчи до 19 години во 2007 година.

Катниќ професионалната кариера ја почна во тимот на Мега Лекс, каде што настапуваше во периодот од 2005 до 2010 година. Потоа потпиша за Црвена звезда каде што се задржа само неколку месеци и замина за белгиски Остенде, чиј играч беше до 2013 година. Потоа играше за полски Анвил, Раднички Крагуевац, Крка и за Игокеа во два наврати од кој вториот беше на почетокот од оваа сезона. Во сино-белиот табор доаѓа од редовите на српскиот прволигаш Динамик, каде што на 16 натпревари имаше просек од 6,5 поени, 2,9 скока и 4,9 асистенции.

Српскиот кошаркар се очекува денеска да пристигне во Скопје и веќе од утре да му се стави на располагање на тренерот Анте Назор. Дебито во дресот на МЗТ Скопје Аеродром ќе го има на средбата од воведното коло од Суперлигата, против Фени индустри на домашен терен, кој најверојатно ќе се одигра следниот четврток.

Се вчитува...