Србиновски: Ја сменивме одбраната, но најважен беше победничкиот карактер

Тренерот на Куманово, Марјан Србиновски, е презадоволен по стартната победа што актуелниот вицешампион ја забележа над Кожув на стартниот натпревар од Супер-лигата. „Сино-белите“ се вратија од негатива од 20 поени, па по очајната прва четвртина направија целосен пресврт, за во драматична завршница преку продолжение од пет минути да стигнат до триумф.

Начинот на кој Кожув го почна мечот беше неверојатен, гостите погодија седум тројки од девет обиди, играа речиси перфектно во нападот. Знаевме дека нема да можат да продолжат во ист ритам уште долго, ја сменивме одбраната, почнавме да комбинираме повеќе видови на игра во дефанзива и успеавме да го исфрлиме противникот во ритам. Тактичкиот момент беше важен, но за мене беше најважен победничкиот карактер што го покажавме. На крајот имавме и малку среќа, но таа ги следи храбрите и сметам дека заслужено дојдовме до победата која сигурно ќе ни ја зголеми самодовербата“ – изјави Србиновски.

Задачата на кумановци ќе биде значително отежната доколку се реализираат најавите за заминување на Данило Мијатовиќ, кој беше главен играч на оваа екипа во текот на Првата лига.

Слабиот старт против Кожув можеби се должеше и на фактот дека непосредно пред мечот ни беше сооппштено дека Мијатовиќ нема да игра, па остатокот од тимот беше малку изненаден. Сите знаеме од колкаво значење беше овој играч за нас, сигурно дека доколку си замине тоа би оставило силна трага врз нашите настапи, особено бидејќи целиот расплет се случува во период кога веќе нема да можеме да донесеме адекватна замена“ – вели тренерот на Куманово.

Се вчитува...