Срце аеродромско не се предава: МЗТ ја изненади Цедевита Олимпија, останува борбата за опстанок во АБА1

Кошаркарите на МЗТ Скопје приредија огромно изненадување откако го совладаа големиот фаворит Цедевита Олимпија во Скопје со резултат 79-74. „Металците“ влегоа со само две победи сезонава во АБА1 во денешниот меч, но одиграа навистина извонредно, го контролираа резултатот цел натпревар и заслужено се радуваа на победата. Со ваква партија и покажан карактер на екипата оа Аеродром, јасно е дека се враќаат и шансите за опстанок во АБА1, кои до денешниот дуел беа сведени на теорија.

МЗТ Скопје со далеку подобра енергија влезе во натпреварот во однос на претходните средби, па предводени од Војдан Стојановски и од Миќовиќ набрзина поведоа со 10-5. Цедевита успеа да се консолидира и да ја добие првата четртина со минимални 19-21, но разликата во пристапот на „металците“ беше очигледен. Агресивниот напад и цврстата одбрана придонесоа фуриозно да почне втората четвртина, па по серијата од 11-0 македонскиот првак поведе со 30-21. Тоа не беше се, МЗТ продолжи да доминира и со поените на Абу поведе и со огромни 14 поени предност (37-23), но падот на концентрацијата и неколкуте грешки на Кефи му помогнаа на гостинот да намали на 41-35.

Цедевита се приближи на 41-37 на почетокот од третата четвртина, но МЗТ возврати со тројка на Кефи и нови поени на Војдан Стојановски за 46-37 за аеродромци. Гостите од Словенија се приближија на 50-47, потоа и на 52-50, а по новите нереализирани шутеви на МЗТ, Цедевита Олимпија преку центарот Матковиќ израмни на 52-52. Војдан Стојановсски уште еднаш блесна погодувајќи тројка за 55-52, по што македонскиот шампион во последните десет минути влезе со предност од 56-52.

Како што одминуваше времето така гостите стануваа се понервозни, потешко ги реализираа своите напади, па Големац беше принуден да побара тајмаут 64-59, на половина од последната четвртина. МЗТ исто така имаше сериозни проблеми со нападот, па по тројката на Ферел и слободните фрлања на Адамс гостите израмнија на 64-64 на три и пол минути до крајот. Кефи погоди кога беше исклучително важно да се прекине серијата на противникот, а на помалку од 110 секундо до крајот Кефи погоди и тројка, за водство од 70-66 на МЗТ Скопје. Гостите пак ги фати паника, Адамс направи чекори во следниот напад, по што Кефи асистираше до Абу за забивање и печат на победата, на крајот изразена со конечни 79-74.

Кук со 23 поени беше најефикасен во таборот на МЗТ Скопје, а одлична игра прикажа и Војдан Стојановски, реализирајќи 18 поени, шест скока и четири украдени топки.

„Металците“ во следното коло ги очекува гостување во Црна Гора против Морнар, директен ривал во борбата за опстанок во елитното регионално натпреварување.

Се вчитува...