Срце на терен не е доволно секогаш, несреќен пораз од Русија

Младинската репрезентација на Македонија го претрпе и четвртиот пораз во низа во квалификациите за ЕП за фудбалери до 21 година, овојпат на домашен терен од селекцијата на Русија со 3-4. За разлика од фијаското на последниот меч со Австрија, овојпат избраниците на Боби Милевски имаа добри периоди во играта, со краток блесок се вратија од 0-2 со 2-2, потоа израмнија и на 3-3, но без оглед на огромното залагање и желбата при тешките услови за игра, Македонија несреќно загуби со гол примен во 94. минута.

Русија ја презеде контролата од самиот почеток, а првата шанса ја имаше Макаров, кој во 16. минута од убава ситуација биеше непрецизно. Македонија првиот удар го упати една минута подоцна, но обидот на Бабунски заврши во рацете на сигурниот противнички голман. „Зборнаја“ заслужено поведе во 25. минута со евроголот на Облијаков, кој со прецизно изведен слободен удар од дваесет метри го матираше нашиот голман Јанков. Пред крајот на полувремето гостите поведоа и со 0-2, откако Мелкадзе прецизно шутираше со глава, крунисувајќи една полуконтра на рускиот национален тим.

Сепак, Македонија не се предаде, туку во 41. минута успеа да го намали водството на противникот. Рускиот голман го фаулираше Попзлатанов, судијата оправдано покажа на белата точка, а прецизен беше Амановиќ, за 1-2 на крајот од првото полувреме. Овој погодок им ја зголеми самодовербата на нашите репрезентативци, кои многу посериозно притиснаа на противничката половина.

Првата шанса во вториот дел ја имавме во 58. минута, во идеална ситуација се најде Ѓорѓев кој од пет-шест метри сепак не успеа да ја затресе мрежата на Русија. Шест минути подоцна Македонија стигна до заслужено израмнување, откако Попзлатанов одлично асистираше од десната страна, а Петковски го совлада гостинскиот голман.

Атмосферата за жал набрзо се расипа откако во 69. минута Русија постигна и трет гол, нашата одбрана делуваше конфузно, а Бакаев знаеше како да го искористи тоа и ја смести топката во мрежата. Карактерот повторно беше на тест, а Македонија го положи испитот бидејќи избраниците на Милевски пак успеаја да се вратат, постигнувајќи нов гол преку Амановиќ во самиот финиш.

Се играше 86. минута кога Попзлатанов повторно беше фаулиран во шеснаесетникот на Русија, а судијата пак покажа на белата точка. Амановиќ овојпат не беше прецизен, голманот одби, но топката се врати до македонскиот напаѓач, кој од втор обид ја смести во мрежата за израмнување на 3-3.

Двојниот стрелец Амановиќ од херој се претвори во трагичар, откако во 89. минута го заработи и вториот жолт картон и мораше да се упати кон соблекувалните. Русија ја искористи предноста од фудбалер повеќе и со гол во 94. минута стигна до цел плен со голот од далечина на Бакаев, кршејќи ги срцата на младите македонски фудбалери, за четврти пораз во низа на новата генерација избраници на Боби Милевски.

Се вчитува...