Куманово одигра одличен меч против МЗТ Скопје во Супер-купот на Македонија, но избраниците на Марин Докузовски потклекнаа во завршницата и не успеаја да стигнат до посакуваниот трофеј.
Разочарувањето е уште поголемо бидејќи мечот се играше во салата на Куманово, домашниот тим имаше огромна поддршка од трибините, но и тоа беше недоволно да се земе скалпот на големиот фаворит.
„Штета голема што загубивме на домашен терен и не успеавме да ја израдуваме публиката, за тоа ми е најмногу криво. Сигурно можам да кажам дека малку изгоревме од желба, малку влеговме брзоплето во натпреварот, што не беше случај на пријателските натпревари. Ова е нова екипа, дваесетина дена сме заедно. Но, можам да ветам борба на сите натпревари во иднина како на овој дуел и дека ќе ги исправаме грешките.
Сигурно е дека МЗТ е главен фаворит на домашната сцена. Имавме шанса да го добиеме мечот. Иако губевме, успеавме да се вратиме, на крајот можеби ни фалеше и спортска среќа, но продолжуваме понатаму.
Сезоната е пред нас. За шест дена играме со истиот ривал и ќе се обидеме да ја поправиме сликата во Скопје“, изјави Бобан Стајиќ, искусниот плејмејкер кој летово потпиша за Куманово од редовите на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
